Во Крушево се расчистуваат улиците од снегот, но и пристапните патишта до скијачките терени. Со тоа градот се подготвува за претстојниот викенд и очекува голем број посетители и гости.
Со снегот е добра зимската туристичка сезона.
Крушевските комуналци собено внимание посветуваат на оспособувањето на паркинг-просторите и на пристап до ски-центарот во пресрет на викендот.
Во текот на денот се работи на игралиштето „Плоч”, веднаш до хотел „Монтана Палас”, потоа кон детското одморалиште „Бегова Корија” и чешмата АРМ кои водат до ски-терените. На неколку попатни локации се оспособува простор за паркинг на автомобилите за посетителите на Станич.
Крушевското комунално претпријатие „Комуна” го оспособува и алтернативниот пат кон ски-центарот кој води од регионалниот пат Крушево – Демир Хисар, преку месноста „Гума”, покрај црквата „Св. Петка”, па до жичарницата. Исто така, ќе биде оспособен патот до полетувалиштето на Мечкин Камен.
Службите на комуналното претпријатие синоќа работеа со ровокопачот и со тракторот со плуг за снег, но и се посолуваше.