Премиерот Христијан Мицкоски очекува во втората половина на мај од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ да ги соопштат имињата на кандидатите за градоначалници.

Тој вели дека во ВМРО-ДПМНЕ веќе е почната внатрепартиската дебата и оти од општинските комитети се пристигнати предлози со имиња.

„Во моментот е во тек внатрепартиската дебата, веќе од страна на општинските комитети се пристигнати предлози со имиња што треба да се најдат на анкетите, на мерењата. Започнуваме во втората половина од јануари да мериме интензивно и очекувам да ги соопштиме во втората половина на мај некаде околу 85 до 90 отсто од имињата на кандидатите што ќе бидат за градоначалници што ќе ги предложи коалицијата ’Твоја Македонија’, односно ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по пуштање клон од градинка и спортска балон-сала во населеното место Три Чешми во Општина Штип.

При посетата на Штип Мицкоски рече дека е задоволен од она што градоначалникот Иван Јорданов го има досега сработено, но сепак вели дека како партија и коалиција сè уште немаат донесено одлука кои ќе бидат имињата.

„Што се однесува до останатите кандидати за градоначалници во другите општини, вклучително и овде во Штип, се уште како партија и коалиција не сме донеле конечна одлука кои ќе бидат имињата“, додаде тој.

Локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври, а годинешните се осми по ред од независноста на државата.

Претходните локални избори се одржаа во октомври 2021 година кога од 80 општини и Градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата освои 42 градоначалнички места вклучително и во главниот град.