Трошоците на животот во мај 2023 година во однос на мај 2022 година се зголемени за 11,3 отсто, а цените на мало за 7,5 проценти. Во мај 2023 година, пак, во споредба со претходниот месец, трошоците на живот се зголемени за 0,4 отсто, а цените на мало се намалени за 0,9 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Намалување на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 2,4 отсто, млекото за 1,6 и на лебот и житата за 0,7 отсто.

Пораст на трошоците на животот во мај 2023 година, пак, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13,3 отсто, свежото и разладеното овошје за 8,5, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2 процента, рибата и морските плодови за 1,6, жестоките пијалаци за 0,8, сирењето и урдата за 0,5, месото за 0,4, кафето, чајот, какаото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, виното за 0,3 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 процента.

Во мај, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај другите услуги неспоменати на друго место за 10,6 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 4,9, медицинските услуги за 3,4, парамедицинските услуги за 2,9, обувките за 2,8, услугите за сместување за 1,8, фармацевтските производи, туристичките аранжмани за 1,6, производите за домаќинството – нетрајни за 1,4, домашните миленици и сродните производи за 0,9, моторните возила за 0,8, малите електрични апарати за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, рестораните, кафулињата и слично за 0,7, облеката, мебелот и покуќнината, терапевтските помагала и опремата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 0,6, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,5, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, малите алатки и останатите додатоци за 0,2 отсто.

Намалување на е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 27,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,3, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,5, гасот за домаќинствата за 4,3, цврстите горива за домаќинствата за 3, медиумите за снимање за 1,8, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,5, стоматолошките услуги за 1,3, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,2, игрите, играчките и хобијата за 1,1, другите печатени материјали, другото образование за 1 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 0,6, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,5, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3.