Согласно последните статистички податоци од Меѓународната организација на трудот, повеќе од 40 милиони луѓе се наоѓаат во модерно ропство, од кои 25 милиони се присилени да работат во глобалните синџири на снабдување. Канцеларијата на ОН за дрога и криминал проценува дека седум од десет жртви кои ќе се откријат на глобално ниво се жени или деца. Од минатата година во  Македонија драстично е зголемен бројот на жртви – 48, од кои 39 се идентификувани како жртви на трудова експлоатација, така што трудовата експлоатација започнува да го зазема првото место по однос на идентификувани жртви на трговија со луѓе.

Ова беше истакнато на денешната конференција на тема „Процена на ризиците и спречување на трговија со луѓе во синџирите на снабдување“ на која присуствуваа министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, специјален претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, Валијант Ричи, шефот на мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која и национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. Магдалена Несторовска.

– Присилниот труд преовладува во производството на стоки и давањето на услуги во различни компании. Во изминатите 20 години зајакнат е меѓународниот одговор против трговија на луѓе, меѓутоа овие активности се фокусирани само на пронаоѓање на сторителите. Системските проблеми што се извор на трговијата со луѓе не се опфатени подеднакво со националните стратегии. Знаеме дека едно од најделотворните начини да се спречи е да се намали побарувањето на стоки и услуги тој што се резултат од присилен труд, вели Ричи.

Министерката Тренчевска во своето обраќање посочи дека со цел справување на трговијата со луѓе, еден од стратешките приоритети на Владата и на Министерството е развивање и подобрување на националните политики за борба против организиран криминал или трговија со луѓе.

– За таа цел работиме на превенција и подигање на јавната свест на унапредување на законската регулатива и на зацврстување на почитувањето на човековите права на сите граѓани, особено на децата. За борбата против овој добро организиран криминал мора да имаме добро организирани политики и координиран пристап со цел преземање на соодветни мерки за превенција, интервенција и кривично гонење на сторителите како и развиен национален механизам за упатување и заштита на жртвите, истакна Тренчевска.

Таа појасни дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и граѓанскиот сектор воспоставени се пет мобилни тимови во Скопје, Битола, Тетово, Куманово и Гевгелија, за идентификација на ранливи категории на граѓани.

– Овие тимови постигнаа навистина одлични резултати, а во текот на 2021 година контактирани се 260 корисници, при што споделени се информации за помош и поддршка, а идентификувани се 67 потенцијални жртви. Од вкупниот број, седум се упатени до службите за нивна формална идентификација, има тројца мажи и четири жени, од кои пет домашни државјани и двајца странски државјани, додаде министерката.

Шефот на мисијата на ОБСЕ, Која потенцираше дека трговијата со луѓе претставува прекршување на основните човекови права и закана за општеството, а создава и трауми за достоинството на жртвите.

– Согласно последните статистички податоци, од Меѓународната организација на трудот повеќе од 40 милиони луѓе се наоѓаат во модерно ропство, од кои 25 милиони се присилени да работат во глобалните синџири на снабдување, вели Која.

Тој додаде и дека пандемијата на коронавирусот создала нови ризици и предизвици за жртвите на трговија со луѓе.

– Пандемијата придонесе да се сменат методите на трговија, трговците на луѓе се повеќе се потпираат на интернетот како алатка за нивните кривични активности. Главно регрутирање преку огласување на лажни можности за вработување, а исто така има и онлајн понуди за сексуални услуги каде што деца жртви на трговија се огласуваат како да се возрасни, појасни Која.

Тој информираше и за промените во Кривичниот законик, за кои државата добила помош од ОБСЕ, како и за Законот за жртвите на криминал, финансиска помош за надомест на жртвите. Набрзо ќе започнат и со поддршка на МТСП за мултидисциплинарен систем за управување со предметите на жртвите на трговија со луѓе. Системот ќе содржи тимови од професионалци, каде ќе има социјален работни, полицаец, обвинител, здравствен работник и образовен работник.

Национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Несторовска вели дека една од причините за појавата на трговијата со луѓе е побарувачката на одредени услуги за задоволување на потребите на клиентите на која експресно брзо реагираат криминалните групи кои во зависност од видот на побарувачката пристапуваат со соодветна примамлива понуда за работата од каде преку експлоатација ја остваруваат својата цел – висок профит.

– Согласно податоците на Меѓународната организација на трудот, од вкупниот број жртви на модерно ропство, 16 милиони биле експлоатирани во приватниот сектор, како што е домашното силување, потоа во градежништво и земјоделство, а околу пет милиони лица се сексуално злоупотребени. Жените и девојчињата се особено погодени од модерното ропство, што претставува 29 милиони или 71 процент од вкупниот број на жртви, истакна Несторовска.

Во насока на превенирање и спречување на трговијата со луѓе, таа нагласи дека потребни се иницијативи, размена на искуства, добри практики, модели, упатства и закони, јавни дебати, како и конкретно адресирање на проблемите на општествено одговорни компании.