За 14-те лица кои ги загубија животите во пожарот во тетовската модуларна болница Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.

Двајца се теретат за кривично дело тешки дела против општата сигурност, еден за непостапување според здравствени прописи додека правното лице за предизвикување на општа опасност.

-Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, информираат од Јавното Обвинителство.

Четиринаесетте луѓе животите ги загубија на 8 септември 2021 година во пожар кој избувна во модуларната болница. Тие се лекуваа од Ковид-19. Досега се направија четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер, како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.