Културно-едукативниот центар „Небрегово“ во Спомен-домот на великанот Блаже Конески во Небрегово го промовираше вториот поетски зборник „Зборот на Конески“. Во Зборникот на 300 страници се објавени 160 поетски творби на ученици, студенти и професори од речиси сите градови од земјава.

На 20 учесници им беа поделени награди, една посебна за ОУ „Блаже Конески“ од Велес кое со 54 ученици учествуваше најмасовно, а беше доделена и специјална награда за Роберт Алаѓозоски, национален координатор за култура.

На манифестацијата прв пат учествуваа претставници од Културниот центар „Блаже Конески“ од Панчево, Република Србија.

– Великанот Конески колку повеќе се оддалечи, физички, со своето заминување, толку повеќе ни се приближува со неговиот дух и со неговото епохално дело. Оваа година се навршуваат 30 години од неговата смрт, но Блаже Конески е бессмртен, а неговата слава е бесконечна, рече професорот Атанас Конески, секретар на Културниот и едукативен центар „Небрегово“, организатор на манифестацијата.

Првиот поетски зборник, промовиран лани беше насловен „Поетски пораки за Конески“ и заедно со вториот, денешниот, „Зборот на Конески“ се објавени творби на 335 автори.