Со голем музичко-сценски перформанс на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, в недела, на 9 август, ќе започне музичкиот караван посветен на 35-годишнината од независноста на Македонија, соопштија од „Авалон продукција“.

Преку музика, актерска игра и танц, во рамките на мултимедијалниот сценски спектакл ќе биде претставена приказната за трите и пол децении независност на државата.

Пред публиката ќе бидат прикажани дел од најзначајните историски моменти, предизвици и достигнувања што ја одбележале Македонија во изминатите 35 години.

Во пресрет на празникот 8 Септември, музичкиот караван ќе посети вкупно 11 градови низ државата, каде што ќе настапат познати македонски музичари и актери. Градовите што ќе бидат дел од турнејата дополнително ќе бидат објавени.

Завршниот и најголем настан е закажан за 4 септември на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде што, според најавите на организаторите, ќе настапат повеќе од 120 уметници.

Од „Авалон продукција“ ги повикаа граѓаните да присуствуваат на отворањето на музичкиот караван во Охрид и заеднички да го започнат одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија.