Пакетот антикрзини мерки ќе се донесе во ноември. Нема да има замрзнување на цени или ограничување на маржи, бидејќи тие се носат со владина одлука, вели вицепремиерот Битиќи. Со помошта ќе бидат опфатени само најранливите категории на граѓани, а пари ќе има и за субвенционирање на сметките за струја и парно. При креирањето не ги консултирале Коморите затоа што мерките се носат за граѓаните, а не за трговците, за некој нешто да вкалкулира, смета Битиќи.
– Антикризните мерки не се носат за трговците, за да нешто некој некаде калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните, да им се помогне на тие кои најмногу денес им е потребно. Сакаме да се справиме со последиците затоа што причините институционално ќе ги решаваме. Последиците се тие, денес штетата најголема ја трпат крајните корисници и затоа сметаме дека треба таму да се насочиме со мерки, рече Битиќи.
Утринава вицепремиерот поднел преставка до Комисјата за заштита на конкуренцијата. Вели дека не сака да биде нем сведок на нефер или неетички практики, каде трговците вештачки ги фиксираат цените на високо ниво, за да профитираат, а цехот го плаќаат производителите и граѓаните. Резултати очекува веднаш штом надлежните излезат на терен. Но самиот процес на докажување дали има монополско договарање, може да трае и до една година.
– Постапката од прилика трае година дена, но искуството говори дека штом надлежните излезат на терен, проблемите се елеминираат. Сметаме дека има одредено договарање, кое може да се поправи при самото излегување на инспекторите, додава Битиќи.
Додека цените на храната во светот паѓаат, кај нас поскапувањето продолжува. За една година храната се продава по повисока цена над 10%, само овошјето и зеленчукот поскапеле за 21, односно 25%. Во соседна Србија од денеска стапија на сила новите мерки, меѓу кои има и замрзнување на цените на 20 основни производи.