Министерот за економија Крешник Бектеши останува на веќе изнесениот став дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто.
– Ние ги направивме сите анализи, и не само јас како министер за економија, туку и другите институции беа вклучени како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО, и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто, изјави вчера Бектеши.
За граѓаните веќе се изработуваат и нови модели во делот на одредувањето на цената за електрична енергија, но тие би важеле од јуни.
-Тие што се најранливи можеби ќе имаат намалување во делот на електричната енергија од јуни наредната година, а тие што прават потрошувачка над или повеќе од еден мегават и што трошат толку многу електрична енергија, за нив дополнително ќе се зголеми цената. Ова го зборувам за јуни, имајќи предвид дека двапати годишно носиме одлуки за утврдување на цената на електрична енергија, рече Бектеши.
И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за онолку колку што тврдат дел од медиумите.
– Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или пак поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Како што докажавме на 1 јули, така и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, изјави Битиќи.
Вели дека во моментот најважно е државата да има доволно количина на електрична енергија и затоа како Влада се фокусирани на производство на електричната енергија по цена која ќе биде достапна за граѓаните.
Замрзнувањето на цената на струјата и на парното со цел да се спречи ценовен шок, според него, не е одржлива мерка, а евентуалното укинување на евтината тарифа е одлука која треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
-Како Влада можеме да кажеме што сме подготвени да направиме и да интервенираме од аспект на евентуално субвенционирање на одредени сегменти. Кажавме дека се што е потребно како евентуална поддршка и помош кон ЕСМ или МЕПСО, ќе го направиме, другото останува на РКЕ да одреди и да даде предлог кој што е одржлив, бидејќи тие ги знаат движењата и трошењата на електрична енергија во одредени временски периоди. Може да кажат да има кратење на периодот на евтината тарифа зашто имаат преглед дали се троши електрична енергија во тој временски пик или не. Ние сме отворени да зборуваме за тоа но не на штета на граѓаните, потенцира Битиќи.
До крајот на годината, Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука за новата цена на струјата.