Во општина Пустец, како и во останатите 60 општини во Албанија, денеска граѓаните избираат нова локална власт.

Довербата за прв човек на општината по вторпат ја бара актуелниот градоначалник, Пали Андон Колефски кој на локалните избори што се одржаа во јуни 2019 година освои 1.505 гласови или 66,84 отсто од вкупниот број гласачи. Тој е кандидат на владејачката Социјалистичка партија, а врз основа на меѓупартискиот договорот со единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, тој се смета за заеднички кандидат.

Негов против кандидат е Панди Јани од Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која ја предводи опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме“. Роден е и живее во Пустец, дипломирал менаџмент за туризам во Скопје, невработен, а во периодот 2015-2019 година бил раководител на Секторот за туризам во општината.

Двајцата кандидати главната поента ја ставија во развој на туризмот за што општината располага со идеални услови, како и вложувања во надминување на повеќето проблеми со кои се соочуваат жителите и пред се во зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура, обичаи.

Свои кандидатски листи меѓу неколкуте помали партии имаат и Социјалиситичката и Демократската партија.

Во избирачкиот список во Пустец запишани се 4.364 лица со право на глас.