Министерот истакна дека во процесот на имунизација се вклучени и центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови.

Тој потенцира дека вакцините се безбедни и дека не постои шанса да се пушти во промет лек доколку за тоа нема одобрение од Агенцијата за лекови.

– Вчера се покрена едно прашање околу документацијата, дозволите итн. Сакам да објаснам дека граѓаните треба да бидат спокојни и не постои шанса да се пушти кој било лек во промет, вклучувајќи и вакцина, доколку за тоа одобрение не даде Агенцијата за лекови. Ние аплицираме со соодветната документација која што е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес, изјави Филипче.

Министерот истакна дека започнале да излегуваат препораки и публикации за потреба од трета доза од вакцината против коронавирусот, но нагласи дека се уште нема цврст и јасен став околу тоа прашање.

– Никој не може за сигурно да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата. Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе биде потребна трета доза и сега се поставува прашањето дали од истиот производител или различен или трето сценарио, оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина, додаде тој.

Филипче информираше дека теренската вакцинација е веќе започната во градовите каде што има лица кои се тешко подвижни, во помалите места, а од следната недела се очекува да биде спроведена поинтензивно.