При акциска контрола на полицијата во координација со пазарни и трудови инспектори во угостителски објекти во Прилеп, Куманово и Pробиштип од 22 до 4 часот ноќеска , констатирани се присуства на малелотни лица, лица без документи и непочитување на Законот за работни односи.

Од МВР соопштија дека во Прилеп констатирано е присуство на 17 малолетници после полноќ, спротивно на законот, две лица кои не носеле документ за лична идентификација се приведени во полициска станица заради утврдување на идентитетот, а од страна на Државен пазарен инспекторат констатирано е дека во објектот работат непријавени лица, при што бил затекнат при работа и малолетник. За објектот ќе следи соодветна санкција за непочитување на Законот за работни односи.

При спроведената акциска контрола на подрачјето во Куманово, исто така, констатирани се две неправилности од страна на Државниот пазарен инспекторат за вршење на нерегистрирана дејност кои ќе бидат соодветно санкционирани, а на подрачјето на Пробиштип едно лице вработено како обезбедување, кое било без документ за идентификација, е приведено во полициска станица заради утврдување на неговиот идентитет, додека од страна на Државниот инспекторат за труд констатирани се три неправилности од Законот за инспекција.

Против сите лица кои сториле прекршок, полицијата ќе достави соодветен поднесок.