Големиот шумски пожар што беснее во долината Мена во северна Шпанија, принуди од вчера да се евакуираат две села, јави денеска весникот Ел Паис, цитирајќи ги локалните власти.
Пожарот во западниот дел на Баскија и северниот дел на провинцијата Бургос избувна во неделата по неколкунеделна пауза од пожарите што ја погодија Шпанија во текот на летото. Уништени се повеќе од 500 хектари.
Околу 100 жители на селата Антуњано и Бортедо на речиси 400 километри северно од Мадрид се евакуирани. Засега нема информации за повредени. Уништени се три фарми, две куќи и едно противпожарно возило.
Пламените јазици ги разгоруваат и ветровите кои дуваат со брзина до 100 километри на час, поради кои и авионите и хеликоптерите вчера и денеска ги прекинуваа своите летови.
Шпанија оваа година доживеа една од најлошите години за шумски пожари, со постојани огнови од јуни до септември.
Според програмата на Европската унија за набљудување на Земјата Коперникус, оваа година во Шпанија досега 435 пожари уништиле повеќе од 300.000 хектари.