Во Шпанија расте бројот на уапсени тинејџери поради радикални содржини – социјалната мрежа ТикТок е во фокусот на истрагите

Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во 2024 година драстично пораснал бројот на малолетници уапсени за терористички активности.

„Минатата година, 15 малолетници беа уапсени под сомнение за учество во терористички активности, што е повеќе од двојно во споредба со 2023 година. Тоа е зголемување од 150 проценти за само една година“, се наведува во извештајот, кој го пренесува порталот 20 минути.

Министерството додаде дека трендот продолжува и во 2025 година. Во првите шест месеци од годинава, уапсени биле уште седум малолетници поврзани со радикални активности.

Зголемувањето е особено забележливо во споредба со претходниот период. Меѓу 2017 и 2022 година биле уапсени само осум малолетници.

Италијанскиот експерт за радикален ислам Лоренцо Видино го нарече овој феномен „ТикТок џихадизам“. Според него, токму социјалните мрежи се главниот канал преку кој се шири пропаганда меѓу младите.

Во 2024 година биле уапсени повеќе лица кои користеле социјални мрежи за ширење радикална идеологија.

Еден од нив е 45-годишен марокански државјанин уапсен во Малага. Тој водел TikTok профил на кој ширел содржини на Исламска држава, повикувал на насилство и охрабрувал регрутација на нови членови.

Слични случаи се регистрирани и во други градови. Апсења имало во Теулада (Аликанте), Корнела (Барселона) и Колменар Виехо (Мадрид).

Вкупниот број на уапсени лица поврзани со џихадистички активности во Шпанија во 2024 година изнесува 81. Тоа е највисока бројка во една година од 2005 година наваму.

Дополнително, осум лица се уапсени во соседни земји. Апсењата се резултат на истраги на шпанската Национална полиција и Цивилната гарда.

Според податоците на шпанските безбедносни служби, Шпанија е земјата со најмногу вакви апсења во Европа оваа година. Зад неа се Франција со 69, Италија со 62 и Германија со 55 апсења.