Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на 52 шпански градови во неделата, огорчени од отстапките што социјалистичкиот премиер Педро Санчез им ги направи на сецесионистите во Каталонија и Баскија во замена за нов четиригодишен мандат како на чело на Шпанија.
Санчез, лидерот на шпанската Социјалистичка работничка партија (PSOЕ), се очекува следната седмица да ја добие поддршката од 179 од вкупно 350 пратеници во парламентот за да формира нова левичарска влада. Откако во четвртокот постигна договор со партијата Заедно за Каталонија (JxCAT), на чијшто прогонет лидер Карлес Пучдемон му беше ветена амнестија за организирањето на забранетиот референдум за независност во октомври 2017 година, а исто така се согласи со Баскиската националистичка партија (PNV) да ѝ даде поголема автономија на Баскија, која ќе има статус на „нација“.
Десничарската опозициска Народна партија (PP) повика на масовни протести кои започнаа во неделата во 12 часот.
„Санчез и неговите партнери го подготвуваат најголемиот напад досега врз владеењето на правото, врз рамноправноста на Шпанците и институциите“, изјави Алберто Нуњез Фејо, лидер на PP. Тој преку социјалните мрежи ги повика граѓаните на Шпанија, земја со 47 милиони жители која во моментов претседава со ЕУ, да го изразат своето незадоволство.
Во јули, Фејо победи на парламентарните избори во јули со PP, но со недоволно гласови за сам да формира влада. Откако не успеа да ги натера другите партии да го поддржат, шансата ја доби второпласираниот Санчез со своите социјалисти. Санчез зависи од поддршката на партиите за независност во автономните региони на Каталонија, каде живеат 7,5 милиони, Галиција со 2,7 милиони и Баскија со 2,2 милиони.
Десетици илјади собрани демонстранти, со истакнати шпански знамиња на главниот плоштад во Мадрид, Пуерта дел Сол, веруваат дека договорите со овие партии го загрозуваат интегритетот на Шпанија. Тие веруваат дека законот за амнестија за осудените Каталонци, за кој би можело да се гласа во парламентот следната седмица, ќе ги охрабри застапниците за независност во нов обид да се отцепат.
„Сега е моментот за единство. Политичките поделби не се важни“, рече од протестот Сантијаго Абаскал, лидерот на десничарската партија Глас (Vox), која има трет најголем број претставници во парламентот.
Во саботата вечерта, деветти ден по ред, се одржаа протести пред седиштето на PSOE во Мадрид, каде беа уапсени 24 демонстранти под обвинение дека фрлале тврди предмети и притоехника кон полицијата, која го блокирала пристапот до зграда со железни огради. Седум полицајци се полесно повредени. Штабот на социјалистите во северниот град Саламанка, пак, осамна во неделата без партиските оележја.
„Ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ја свртиме оваа ситуација“, рече регионалниот лидер на PP, Хуанма Морено на протестот на улиците на јужниот град Севиља.
На протестите во недела се очекуваат стотици илјади луѓе.
Санчез минатата недела рече дека договорите со регионалните партии на Каталонија и Баскија се „единствениот начин“ Шпанија да добие влада. Тој тврдеше дека договорот ќе ја нормализира политиката во Каталонија. Доколку овој месец не добијат влада, Шпанците во јануари ќе одржат нови избори.