Вршителот на должноста претседател на Шри Ланка Ранил Викремесинг прогласи вонредна состојба во државата, додека неговата администрација се обидува да ги смири социјалните немири што произлегуваат од економската криза.
„Тоа е со цел, во интерес на јавната безбедност, заштита на јавниот ред и одржување на снабдувањето и услугите од суштинско значење за животот на заедницата“, нагласено е во соопштение.
Во средата Викремесинг беше назначен за вршител на должноста претседател од позицијата премиер, додека парламентот не избере нов шеф на државата. Тој беше назначен откако претседателот Готајабе Раџапакса ја напушти земјата минатата недела поради народниот бунт, предизвикан од најтешката економска криза во изминатите седум децении.
Парламентот во петокот официјално ја прифати оставката на Раџапакса, а во саботата започна процесот за избор на нов претседател. Викремесинге, сојузник на Раџапакса, е еден од главните кандидати за преземање на претседателската функција, но демонстрантите исто така сакаат тој да си замине, што отвора можност за дополнителни немири доколку биде избран.
Уличните протести против економската криза во Шри Ланка траат со месеци, кулминирајќи минатиот викенд кога стотици илјади луѓе ги зазедоа владините згради во Коломбо. Тие го обвинија семејството Раџапакса и сојузниците за неконтролираната инфлација, недостиг на основни добра и за корупција.