Територијалната противпожарна единица од Кочани го локализираше и успеа целосно да го изгасне шумскиот пожар што попладнево избувна на падините на Осоговските Планини, на десетина километри од градот.
Во огнената стихија изгореа околу 20 хектари со стебла од смрека и нискостеблести растенија, а со брзата и ефикасна интервенција на пожарникарите спречено е проширување на пожарот кон зимзелена шума.
-Околу 13 часот добивме повик за шумски пожар во месноста Мегдано на Осоговските Планини и веднаш упативме екипа со тројца пожарникари и едно возило, но поради ветерот и брзото ширење на огнот во интервенцијата учествуваше уште една екипа. За само два часа успеавме да го ставиме пожарот под контрола и спречивме ширење кон зимзелената шума со бор и елки, што беше во непосредна близина. Ова е прв поголем шумски пожар годинава во нашиот регион во кој е причинета само материјална штета и загрозување на природните ресурси, поради што упатуваме апел до граѓаните за поголемо внимание при престој во природа, истакна Владо Јефтимов, командир на одделение при ТППЕ – Кочани.
Според првичните проценки на пожарникарите, причина за избувнување на пожарот е човечки фактор, а дополнително треба да се утврди дали огнот намерно е подметнат или се проширил поради невнимание на излетници во природа.