Министерсот за здравство Венко Филипче за одржувањето на работилницата информира преку својот фејсбук-профил и посочува дека голем прогрес е постигнат во областа на солидни трансплантации, особено со воведувањето на трансплантација на срце во мај, 2020 година, со вкупно шест успешни трансплантации на срце до денешен ден.

– Во април, 2020 беше изведена првата трансплантација на коскено ткиво од дарител кадавер, а потоа беа изведени уште 4 трансплантации на коскено ткиво. И покрај актуелната пандемија со Ковид-19, спроведени беа 16 бубрежни трансплантации, од кои 4 во 2020, а 12 во 2021 година. Спроведувањето на трансплантација на хематопоетски клетки од несроден дарител беше изведена за првпат во нашата земја во ноември 2018 година и беше успешно воведена како тераписка метода на Клиниката за хематологија. Во јануари 2019 година, Клиниката за хематологија во соработка со Клиниката за детски болести ја воведоа програмата за спроведување на сродни и несродни трансплантации за деца над 3 години, напиша Филипче.

Во последните 4 години, посочува тој, реализирани се 200 трансплантации на периферни матични клетки на Клиниката за Хематологија во Скопје, од кои 40 се несродни интервенции за кои претходно пациентите беа упатувани на лекување во странство.

– Клиниката за хематологија е регионален центар за лекување на најтешки малигни хематолошки заболувања. Покрај многуте предизвици со кои се соочивме од почетокот на пандемијата со Ковид 19, на пацинетите им овозможиме адекватна и софистицирана здравствена нега, напиша министерот Филипче.