Разговорите со Бугарија за отворените политички прашања продолжуваат следната недела, со посетата на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска на Скопје на 23 и 24 март. Македонија во процесот на разговори настапува со јасни усогласени ставови во однос на отворените прашања.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на средба со новинарите, најавувајќи ја посетата на неговата бугарска колешка Генчовска на Скопје, потенцира дека во овој процес ние сме со апсолутно усогласени ставови согласно резолуцијата на Собранието.
Тој информираше дека на Дипломатскиот форум во Анталија имал средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, со кого разговарале за случувањата во Украина, но најголемиот дел од средбата се осврнале на нашите политички разговори и отворените прашања.
– Разговаравме за сите точки, констатиравме дека навистина треба да се донесат одлучни одлуки во овој период заради тоа што очигледно прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за ЕУ и секоја земја членка има одговорност кон безбедноста на регионот, но и кон безбедноста на целиот континент. Значи, веќе не е прашање само на кредибилитетот на ЕУ, туку е безбедноста на регионот и ова се сведува во оваа ситуација пред се на европска безбедност, процесот на проширување односно комплетирање на ЕУ, рече Османи.
Прашан дали имаме спротивставени ставови во однос на позициите во Скопје меѓу МНР и експертите и меѓу МНР и Владата, Османи категорично го демантираше тоа. Коментирајќи текст објавен завчера, тој додаде дека е некоректно текстот да се прикаже поинаку, бидејќи вели, во него се зборува за разликите во Бугарија, помеѓу бугарското МНР и нивната Влада, а не кај нас.
– Значи немаше таква инсинуација дека има разлика кај нас, туку заради некој записник од Брисел се констатираше дека има разлики меѓу нивното МНР и другите чинители во коишто јас нема да се мешам, бидејќи тоа се внатрешни односи таму, ние разговараме со бугарската Влада. Ние немаме апсолутно никакви разлики, ниту експертите во МНР, ниту јас како политичко раководство на МНР, ниту премиерот. Сите сме во постојана координација, вчера имавме една долга средба за координирање, денеска попладне ќе имам повторно средба за координирање. Значи ние сме апсолутно унисони и во ставовите, во позициите без никакви разлики во овој процес, што навистина ми е задоволство, бидејќи во таква атмосфера се работи многу полесно, дециден Османи.
Тој вели дека нема впечаток оти има различни ставови во Бугарија, разговарано е за динамиката која е предвидена до јуни, согласно работните групи, согласно политичкиот процес, во која форма би можело да се надмине, кога и како, но при тоа не откри детали за разговорите.
– Тоа се главните три прашања – како, кога и на кој начин. Се уште сме во различни позиции по однос на трите прашања, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на нашата Резолуција на нашиот Парламентот. Се разбира и во Република Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Битно е континуирано да разговараме отворено. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза, посочува шефот на дипломатијата.
Во однос на посетата на Скопје на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, Османи оцени дека е таа е исклучително важна и порака сама за себе, бидејќи го споменува Западен Балкан во контекст на овие случувања во Украина. Со тоа, додава Османи, тој го подига вниманието на светската јавност за тоа дека регионот е оставен ранливо подрачје каде што мора да се дадат јасни и прецизни пораки.
– Се разбира, неговото портфолио не е проширувањето. Тој е висок претставник за надворешна и безбедносна политика, а проширувањето е внатрешна политика на ЕУ и за тоа има посебен комесар, тоа е комесарот Вархеји. Меѓутоа, мислам дека пораката на неговото доаѓање вчера тука како прва дестинација, фактот што Република Северна Македонија постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и тој дојде лично да ја поздрави таа одлучност на државата и сега станавме едно симболично трио на 100 отсто кандидати, бидејќи сега Албанија, Црна Гора и Северна Македонија се трите држави во регионот коишто имаат стопроцентно усогласување на надворешната политика со таа на ЕУ и некако го регрупира и регионот по однос на перспективата за ЕУ, вели Османи.
Тој потсети дека бугарскиот премиер Петков информира оти Борел од Скопје се слушнал и со него и смета дека тоа е обид да се помогне.