Во седум часот утринава се отворени избирачките места во Словенија, каде околу 1,7 милиони гласачи со право на глас ќе изберат нов претседател.
Избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот. Словенците на денешниот прв круг од претседателските избори ќе одлучат кој од седумте кандидати го посакуваат за следниот петгодишен мандат на претседателот на Републиката, јавува Танјуг.
Словенечките гласачи меѓу седумте кандидати ќе го изберат наследникот на актуелниот претседател Борут Пахор, чиј втор мандат истекува во декември и според Уставот, тој повеќе нема право да се кандидира за функцијата.