На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обрати градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански, градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски и градоначалникот на општина Виница, Миле Петков кои наведоа бројни инвестиции во областа на инфраструктурата и културата.
„Голем број од проектите во патната инфраструктура се решени, во областа на културата, образованието, ќе продолжиме и понатаму со помош на централната власт ќе ја градиме општината уште повеќе, со нашите тимови, мислам дека граѓаните треба да ја дадат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Инфраструктурата во руралните средини и во централното градско подрачје во Пехчево се реализираат, имаме инвестиции во областа на водоснабдувањето на атмосферските канализации, имаме принцип на работа кога градиме улици ги работиме паралелно со атмосферска канализација бидејќи ние сме планинско место. Изработени се многу проекти за прочистителни станици, се работи на нова инфраструктура, се помага на земјоделците и сточарите за полесен пристап“, вели Китански.
Градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски истакна дека основна мотивација му била да води грижа, пред се, за безбедноста на самата општина, при што како клучна за тоа ја напомена кулата за рана детекција на пожари, која опфаќа 80 проценти од целата површина на самата општина, а која е проект со меѓу гранична соработка.
„Сега се трудиме да ја надоградиме за да ги опфати сите 100% од целокупната територија на нашата општина. Целта на таа кула за рана детекција на пожари е да реагира, просто кажано, на распалување на скара. Така да, од голема важност е за секоја општина и за целата наша држава, да бидеме искрени. Да има повеќе такви кули на државно ниво, би било од голема помош за спречување на самите пожари“, рече Атанасовски.
Градоначалникот Миле Петков како проект од суштинско значење за културата во општина Виница ја наведе реконструкцијата на кино салата, со комплетно внатрешно уредување и реконструкцијата на Сина сала за организирање на бројни настани.
„На барање на граѓаните, ја ставивме во функција кино салата, освен за проекција на филмови се користи и за одржување на многу други културни настани, се работи на комплетна реконструкција почнувајќи од кровот термо-изолациона фасада, комплетно внатрешно уредување со озвучување, осветлување, вентилација и климатизација. Реконструкција на Сината сала како култно место, каде се одржуваат фестивали, дополнително на кровот имаме поставено и фотоволтаици, исто така реконструиравме и 48 патишта и улици“, вели Петков.