Во рок од три дена од моментот кога оваа иницијатива ќе дојде кај претседателот на Собранието Талат Џафери, тој треба да закаже седница за гласање кога и официјално ќе се види кој има мнозинство во Парламентот и кој би ја предводел новата Влада.
На денешната координативна средба во Собранието со Џафери не се зборувало за најавите на опозицијата, туку за почнувањето на постапката за носење на буџетот за следната година. Комисиската расправа почнува на 15-ти ноември, а седницата за негово носење би се одржала до крајот на месецов. На 25 ноември би имало уште една седница за пратенички прашања.
Каква и да биде политичката разврска со мнозинството и формирањето Влада, Буџетот за следната година мора да се донесе и тоа ниту опозицијата ниту владејачките партии не го ставаат под прашање.
Пратениците од власта не коментираат дали премиерот ќе поднесе оставка, ниту пак дали опозициските партии имаат 61 пратеник. Тоа, велат тие, никој не знае.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека ќе чекаат до 14 и 30, а потоа ќе ја поднесат иницијативата за гласање недоверба во Владата. Посочуваат дека Собранието нема да се распушти кога ќе се изгласа недоверба на Владата и дека Буџетот за следната година треба да биде донесен. Како што наведуваат од оваа партија, доколку биде потребно подготвени се да прифатат и брзи избори.