Родителскиот додаток за првороденото дете во Србија ќе се зголеми од 378.000 на 500.000 динари (4.300 евра), во согласност со политиката на државата за зголемување на наталитетот.

– Кога ќе се роди првото дете ќе добиваат од државата 500.000 динари плус дополнителни придобивки од локалните самоуправи. За второто нема да добијат 460.000 динари, туку 600.000 динари. За третото и четврто дете, тие мерки ќе бидат посериозни и ќе добијат повеќе пари – рече српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград на презентацијата на проектот „Скок во иднината 2027“.

Тој посочи дека мајките со уште повеќе деца ќе добијат дополнителни, посебни награди „да знаат дека се гордост на општеството и да не бидат предмет на потсмев и критика“.

– Ја подигнавме вкупната стапка на фертилитет, од 1,46, што е на работ да исчезне Србија. Сега е 1,63, што е лошо, но најмалку лошо во целиот регион. Нашата цел е таа стапка на фертилитет да се подигне на 1,75 до крајот на 2027 година – рече претседателот на Србија.