Во хотел „Дрим“ во Струга денеска започнува третото издание на Преспа форумот за дијалог насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?”, организиран од Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.

Преспа Форумот за дијалог оваа година се совпаѓа и со првиот јубилеј од потпишувањето на Преспанскиот договор. Премиерот Ковачевски, како покровител, ќе ја предводи централната сесија на Конференцијата на тема- „5 години по Преспанскиот договор: предизвици кои создаваат можности.“

Како што соопшти МНР, насловна тема на годинашниот ПФД е обединета Европа како клучен фактор за долгорочната безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во Европската Унија.

На дводневниот форум на едно место ќе бидат присутни видни домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, коишто ќе имаат одлична можност да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за најактуелните регионални и меѓународни теми.

Меѓу потврдените учесници се новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Албанија, Бајрам Бегај, претседателите на Владата на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Аљбин Курти, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, министрите за европски прашања од Србија и Албанија, Тања Мишевиќ и Мајлинда Дука, Питер Бурк од Ирска; Мартин Дворак од Чешка, генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, генералниот потсекретар на Обединетите нации, Мирослав Јенча, генералната потсекретарка на UNDP, Ивана Живковиќ и др.

Во рамки на форумот, ќе бидат потпишани Меморандум за разбирање помеѓу Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (МАРРИ) и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) како и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Пријатели на Европа (Friends of Europe).

-Руската агресија во Украина не потсети на потребата од обединета Европа посветена на заштита на нејзините вредности и интереси. Не постои релевантна научно политичка мисла која не ја става темата на обединета Европа како клучен фактор за обединетост и стабилност на континентот пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континетот во ЕУ. На овогодинешниот форум ќе разговараме колку е возможно оваа мисија да биде исполнета до крајот на оваа декада или проширено европско семејство до 2023 година, рече во вторникот на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Додаде дека со изборот на Струга оваа година ја признаваме богатата историја на културна размена на градот и уште повеќе ја додававаме Струга на Охрид како два града кои не се само симболи на Охридското Езеро, туку и места кои инспирираат Отворен дијалог и продуктивни дискусии.