Финансискиот вештак во предметот за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, утврдил дека сумата на штетата не е во висина на првично наведената во обвинението. Зеќири се товари дека без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра. Според обвинението, биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 800.000 евра, објави Фокус.
-Паричните средства кои се ставаа на товар на обвинетиот Мухамед Зеќири, не се во таа вредност што првично беше изнесена, туку се далеку помалку. Денеска се утврди дека дел од сумата е персонален данок и ДДВ. Исто така се утврди дека вредноста што е исплатена и трудот што е вложен од ревизорските куќи кои ги работеле двата предмети соодветствува со реалната цена и вредноста за што е исплатена сумата – рече адвокатот на Зекири по денешното рочиште.
Инаку, овој процес денеска почна од почеток поради тоа што рочиште не беше одржано повеќе од три месеци. Причини за одложување на рочиштата беа здравствени причини на Зеќири. Претходно, од Кривичниот суд соопштија дека судењето за предметот во кој тој е првообвинет ќе се одложи на неодредено време поради неговата психичка состојба.