Реконструкција на старите улици и изградба на нови и замена на коцката со асфалт во централното градско подрачје се само дел од проектите предвидени за тековната година во општина Свети Николе.
Градоначалникот Дејан Владев истакна дека буџетот е во одлична кондиција, а во соработка со неколку министерства ќе се пристапи на уредување на Свети Николе, со што градот, како што рече, ќе добие сосем нов изглед.
– Во моментот во завршна фаза е асфалтирањето на две улици во село Црнилиште, кои за две недели треба да бидат комплетно завршени. Паралелно со тоа се работи на вадење на коцката и асфалтирање на две улици со два крака во самото централно подрачје каде веќе ќе нема коцка во Свети Николе. Овој проект ќе биде завршен во наредниот месец до месец и половина. Паралелно ќе имаме асфалтирање на четири улици во местото викано Шоповски пат и ќе нема неасфалтирана улица во Свети Николе, вели Владев.
Освен во градот, проекти има предвидено и за руралните средини. Покрај изградба и реконструкции на улици, ќе се работи и на водоводна и канализациона мрежа, детски игралишта и паркови.
– Во тек се тендерски постапки за асфалтирање на улици во селото Пеширово, а целосно ќе се заврши и канализацијата во селото Мустафино. При крај е тендерот за уредување на новиот парк, ќе имаме нов детски парк, нов амфитеатар, додава Владев.
Оваа година треба да пристигне и ново теренско противпожарно возило за потребите на ТППЕ Свети Николе, а треба целосно да заврши и изградбата на детската градинка којашто е под покровителство на Министерството за труд и социјална политика. Проектите ќе чинат преку 100 милиони денари.