Работите за санација и проширување на регионалниот пат Р2234 на делницата од Долно Татеши до Мислодежда се во полн ек, информира Коце Трајановски. Станува збор за делница долга 3.500 метри, која е клучна транспортна артерија за локалното население и важен сегмент за економијата и туризмот во струшкиот регион.

„Работиме активно на проширувањето на коловозот, а со тоа и на зголемување на безбедноста од населеното место Долно Татеши до Мислодежда, дел од патниот правец Р2234 во струшкиот регион,“ нагласи Трајановски.

За проектот се издвоени 20 милиони денари преку програмата за одржување и заштита на државните патишта на ЈПДП. Изведувач е ЈП „Македонијапат“, а предвидено е коловозот да се прошири од сегашните 3,8 на 5 метри.

Работите опфаќаат ископ на 3.000 кубни метри земјан материјал, поставување на 900 кубни метри тампон за стабилизација и вградување на 1.200 тони асфалт.

„Со подобрената патна инфраструктура ќе се овозможи побезбедно движење на возилата, побрз пристап до услуги и пазари, ќе се поттикне развој на туризмот и ќе се подобри стандардот на живот за жителите,“ порача Трајановски.