На Клиниката за урологија утрово во осум часот по раководство на доктор Сашо Дохчев, започна трансплантацијата на бубрег, откако доцна ноќеска беше направена експлантацијата од починат донор, информираат од Министерството за здравство.
– Тимовите на доктор Сотир Ставридис и доктор Александар Трајановски после полноќ завршија со експлантација на бубрег и коскени ткива од 28-годишен починат донор, чие семејство несебично се согласи да ги донира органите. Благодарение на нивната хуманост, утрово еден бубрег се трансплантира кај 22-годишно момче. Коскените ткива ќе бидат обработени и спремни за трансплантација во наредните денови, се вели во соопштението од МЗ.
Министерството за здравство укажува голема благодарност до медицинските тимови кои учествуваа во експлантацијата и до семејството на донорот кои покажаа што значи хуманост.