Освен 15-годишното девојче, вчера беа регистрирани уште 25 лица починати од Ковид-19. Осум се од Скопје, шест од Тетово, Струга три, по две лица во Гостивар и Кичево, и по едно лице во Прилеп, Охрид, Дебар, Виница и Кратово.

Од направени 6006 тестирања вчера беа регистрирани 906 нови случаи. Од новозаразените, најмногу се од Скопје – 423, Тетово – 68, Куманово – 60, Гостивар – 51 и Струмица – 39.

Во моментов активни се 14.785 случаи. Најмногу во Скопје – 5802, Тетово – 2004, Гостивар – 1204 и Куманово – 922.

Во Тетово, Гостивар, делумно и во Кичево и Струга врз болниците има најголем притисок. Во Тетово вкупно се хоспитализирани 105 лица од кои дури 104 се на кислородна поддршка, соопшти координаторот во ковид-центарот Гзим Нуредини.

Од Министерството за здравство уште еднаш апелираа граѓаните да се вакцинираат оти, според лекарите, само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјваи дека се наоѓаме во деликатна фаза каде Делта мутацијата на вирусот коси насекаде низ светот.

-Само преку масовна имунизација најсигурно можеме да ставиме крај на пандемијата. Ве повикувам да им помогнеме на здравствените работници и на здравствениот систем. Да се вакцинираме, да покажеме пример, да покажеме одговорност кон себе и другите. Вакцините се безбедни и го зајакнуваат имунолошкиот систем. Податоците покажуваат дека на удар во овој бран се невакцинираните и младите меѓу кои процентот на вакцинирани е се уште низок, истакна Филипче.

Завчера беа аплицирани 13.037 вакцини, а досега вкупно се вакцинирани 728.628 граѓани. Аплицирани се 1.267.666 дози вакцини, а ревакцинирани се 539.037 граѓани, информира Министерството.

Со последните бројки, 53 отсто од населението над 40 години има примено барем една доза вакцина.

– Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител, наведува МЗ.