Автомобил со демирхисарски ознаки управуван од 33-годишен жител на селото Белче излета од патот кај месноста „Бели мост“ при што загина неговиот сопатник.

Станува збор за 25-годишна жена, сопруга на возачот, а во автомобилот било и нејзиното малолетно дете кое во несреќата се здобило со тешки телесни повреди и веднаш е хоспитализирано во Клиничката болница во Битола соопштуваат од МВР.

Првичните информации од истрагата говорат дека најверојатно причина за страотната несреќа е неприлагодената брзина на возилото на условите на патот.

Битолската полиција извршила увид на местото, а поради сообраќајната несреќа, неколку часа беше во прекин сообраќајот на патот Битола-Демир Хисар.

Пред осум месеци на истото место се случи трагедија во која животот го загуби 46-годишен полицаец, кој со возилото излета од патот на истото место, а првичните неофицијални информации и тогаш говореа дека причината е неприлагодена брзина.