Во деновите кога се одбележува една година од трагичниот пожар во Кочани, денеска на меѓународната конференција во Скопје посветена на институционалните лекции од кочанскиот пожарна се обрати и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски. Тој истакна дека трагедијата нè потсети колку брзо може да се промени сѐ и колку е важно во најтешките моменти да стоиме заедно.
– Во тие тешки денови се покажа вистинската сила на дипломатијата и меѓународната солидарност. Благодарение на брзата комуникација со нашите партнери, активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита и подготвеноста на многу држави да помогнат, нашите пациенти добија медицинска грижа во болници ширум Европа, порача Муцунски упатувајќи искрена благодарност до владите, амбасадите, институциите и народите на пријателските земји кои без двоумење ја подадоа раката, но и до докторите и медицинските тимови.
– Зад сите дипломатски напори и изрази на поддршка стоеја токму тие – луѓето кои со своето знаење, искуство и пожртвуваност спасуваа човечки животи. Пријателството во вакви моменти има посебна тежина. Тогаш најдобро се гледа кој е вистински пријател. Кочани ќе ја памети трагедијата, но нашата држава ќе памети и нешто друго – дека кога дојде темнината, нашите луѓе застанаа заедно, а пријателите застанаа покрај нас, истакна Муцунски.
