Запленети 32 килограми марихуана кај Прилеп – истрага против 36-годишен жител
Основното јавно обвинителство Битола отвори истрага против 36-годишен прилепчанец, осомничен за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик. Полицијата го запрела неговото возило „Фолксваген голф“ со прилепски регистарски таблички на магистралниот пат А3 Битола–Прилеп, во близина на кружниот тек за селото Тополчани.
Пронајдени торби со марихуана
При преглед на автомобилот, во багажниот простор биле откриени две патни торби со 35 најлонски пакувања марихуана, со вкупна тежина од 32,575 килограми. Обвинителството најави дека ќе преземе дополнителни мерки за утврдување на потеклото на дрогата и за идентификување на можни соучесници и сведоци.
Барање за мерка притвор
Со оглед на ризикот осомничениот да влијае врз сведоци, да прикрива докази или повторно да го изврши делото, јавниот обвинител побара од Основниот суд Битола да му одреди мерка притвор.