Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека квалитетот на воздухот во Трубарево, според последните мерења, не покажува загрижувачки отстапувања. Според објавените податоци, просечните концентрации на PM10 честичките се во рамки на дозволените граници за заштита на здравјето на населението.
Резултатите од мерењата спроведени вчера и денеска покажуваат просечна концентрација од 9.7 µg/m³, максимална измерена вредност од 28.2 µg/m³, додека во моментот на завршување на мерењето била регистрирана вредност од 20.1 µg/m³.
„Според добиените податоци, просечните концентрации на PM10 честичките во наведениот период се во рамки на дозволените граници и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје. Овие вредности се во согласност со Уредбата за гранични вредности и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух,“ се наведува во соопштението на Министерството.
Мерењата се реализирани со автоматски систем, користејќи ја методата и опремата AMBICON RTM – PM со нефлометар за реално време и инструмент ES-642, METONE, USA, сертифициран за индикативен мониторинг според MCERTS стандардите од Обединетото Кралство.
Од Министерството потенцираат дека континуирано се следи квалитетот на воздухот за навремено информирање и заштита на здравјето на граѓаните.
Ресорниот министер Изет Меџити денеска додаде дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за санирање на еколошките штети од пожарот што неодамна го зафати Трубарево.