Дали велигденските празници ќе ги смират воените дејствија во Украина?

Украинскиот претседател Зеленски тврди дека Москва го одбила предлогот за прекин на огнот за Велигден, додека руското министерство за одбрана денеска соопшти дека се подготвени за примирје во индустрискиот комплекс Азовстал во Мариупол, каде што се наоѓаат украински војници и цивили. Хуманитарното примирје ќе започне кога украинските вооружени сили ќе истакнат бели знамиња на целиот или на дел од Азовстал, се вели во соопштението на руското министерство.

Зеленски во видео порака синоќа ја обвини Москва дека планира да го фалсификува референдумот за независност во делумно окупираните јужни региони Херсон и Запорожје.

– За жал, Русија го одби предлогот за прекин на огнот за Велигден. Ова многу добро покажува како лидерите на оваа држава ја третираат христијанската вера, еден од најрадосните и најважни празници. Но, ние ја задржуваме нашата надеж. Надеж за мир, надеж дека животот ќе ја победи смртта, изјави Зеленски.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, пак, тврди дека Русија и предала на Украина нацрт документ со прецизни формулации, а ефикасноста на преговарачкиот процес во моментов ја успорува Киев, кој според него постојано ги менува договорените позиции.

-Нашиот нацрт-документ, кој содржи апсолутно прецизно дефинирани формулации, е доставен до украинската страна. Топката е на нивна страна, чекаме одговор, изјави Песков.

Во меѓувреме ситуацијата во Мариупол се уште е најдраматична. Денеска, според властите во Киев, нема да биде направен обид за воспоставување на хуманитарни коридори за нова евакуација од Мариупол поради како што велат несигурноста на рутите.

Украинските власти тврдат дека идентификувале масовни гробници надвор од градот, што според нив е дополнителен доказ за руските воени злосторства врз украинските цивили. Компанијата Макар Технолоџис објави сателитски снимки за кои тврдат дека прикажуваат големи масовни гробници во опколениот украински град, а според американската компанија на ова место во последните неколку недели се појавиле повеќе од 200 нови гробници.

И градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, соопшти дека во масовни гробници во овој град би можело да има тела на околу 9 000 цивили. Засега оваа бројката не може да се потврди, а Русија негира дека цели на цивили.

Локалните власти во јужна Украина објавија дека украински воен транспортен авион се урнал за време на „технички лет“ во регионот на Запорожје. Според воената управа има и жртви, но се уште нема информации за нивниот број, а се истражуваат и околностите за несреќата, пренесе Би-би-си.

Вниманието на јавноста го привлече и изјавата на рускиот генерал од Централниот воен округ Рустам Минекаев според кој Москва планира да го окупира југот на Украина и да отвори пат кон молдавскиот регион Придњестровје проруска отцепена провинција во Молдавија, како дел од втората фаза од својата операција.

Во соопштението кое го пренесеоа Тасс и Интерфакс, вршителот на должноста командант на ЦФД, Рустам Минекаев, вели дека Русија планира да воспостави целосна контрола врз Донбас и јужна Украина, што ќе овозможи пристап до Придњестровје, Киев стравува дека Русија оттаму би можела да изведува идни напади на Украина.