Бран од протести во повеќе европски земји поради заострување на КОВИД мерките. Веќе втор ден траат немири во Холандија. Демонстрантите палеа велосипеди и фрлаа камења кон полицијата во знак на револт. Одлуката за делумен „локдаун“ на невакцинираните ги изнесе на улица и Австријците, а протести против заострување на мерките се одржаа и во Загреб.

Протестите се одржуваат во време кога делта сојот повторно зема замав на стариот континент. Епидемиолозите стравуваат дека ова дополнително ќе ја влоши епидемиолошката слика а за да се спречи тоа мора да се засили вакцинацијата.

„Имаме имунолошка меморија како одговор на вакцината. Можно е, како во случајот со грипот, да мораме да се вакцинираме повторно и во иднина, особено повозрасните лица. Но се уште не се знае. Ако навистина продолжиме со аплицирањето бустер доза и продолжиме да бидеме свесни за нашето однесување, да се обидеме да го присвоиме тој начин на однесување иако нема секаде овластувања, навистина се надевам дека ќе се мобилизираме, ни претстои нов предизвик – да ја поминеме зимава без да ни се случи катастрофа, без да имаме состојба каква што имавме ланскиот Божиќ.“

Во последните шест месеци најголем скок на КОВИД случаи од земјите во Европа е регистрирано во Австрија а зголемување има и во Холандија, Велика Британија и Германија. Токму во Австрија стапката на вакцинација е меѓу најниските на континентот и изнесува 65%.

Последните анализи говорат дека во Европа еден човек умира како последица од корона вирусот на секои 15 минути. Светската здравствена организација неодамна прогнозираше дека до март 2022 година бројката на КОВИД жртви во Европа ќе се зголеми на 500.000.