Во Вашингтон денеска се одржа свеченото потпишување на договор за финансиска поддршка во износ од 5 милиони долари, наменети за истражување на критични минерали во Македонија.

Договорот беше потпишан помеѓу Конор Колман, раководител на инвестиции во DFC, и Ник Јовановски, извршен директор на Pela Global Limited.

На настанот присуствуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

„Финансиската поддршка претставува конкретен чекор во насока на развој на потенцијалот на критичните минерали, како значаен сегмент од современите енергетски и индустриски политики. Со овој договор се отвораат можности за понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој, во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини“, соопшти Министерството за енергетика.

Настанот се реализираше во рамки на официјалната посета на владината делегација на Соединетите Американски Држави, при што претходно беше одржана билатерална средба со раководството на DFC, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршка на конкретни проекти.

Овој чекор, според Министерството, претставува значаен сигнал за зголемен интерес за инвестирање во секторот на критични минерали во Македонија и дополнително ја потврдува стратешката соработка со САД во областа на енергетиката и ресурсите.