Според проценките на Министерството за образование и наука (МОН), се очекува ова право да го искористат околу 40.000 студенти. До сега се пријавени 15.627.
– Тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври годинава. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври 2021 година, за студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар, апелира МОН.
Начинот на аплицирање е дигитализиран. Пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
МОН потсетува дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.
– Наша обврска е да ги пресретнеме потребите на младите. Воведувањето на субвенционираниот студентски оброк, нови стипендии и зголемените износи на постојните се одговор токму на барањата на студентите кои ги исполнивме за краток период. Младите мора да бидат задоволни од грижата на државата кон нив и од можностите кои им ги обезбедува за остварување на личните и професионални цели. Само на тој начин ќе бидат доволно мотивирани да останат во сопствената земјата и да го реализираат својот потенцијал, што ќе значи и придонес кон севкупниот општествено економски развој. Затоа министерството преку работната група МЛАДИ -МОН продолжува со директна вклученост на младите да креира политики и мерки кои се во интерес на студентите и учениците, наведува Министерството.