Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека бројката на авганистански цивили, кои работеле за меѓународните организации, што ќе бидат прифатени во земјава флуктуира поради состојбата во Кабул, а граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи нема никаков основ за нарушување на безбедноста и здравјето во делот на оваа оперативна акција.

-Имаше потврда за околу 780 лица, но заради случувањата кои се во Кабул и неможноста да тргнат луѓето од таму и да се заврши оваа мисија таа бројка постојано флуктуира. И МВР и Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање ги преземаат сите мерки од безбедносен аспект и граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи немаме никаков основ за нарушување на безбедноста во делот на оваа оперативна акција. Од друга страна и Министерството за здравство ги презема сите свои активности и надлежности кои произлегуваат од заштита на здравјето на населението посебно сега во услови на корона вирусот. Ќе се понуди соодветна здравствена нега и вакцинација за тие кои не се вакцинирани, потенцира Спасовски.

Прецизира дека лицата кои ќе дојдат во земјава ќе бидат сместени во хотели и мотели, како што беше претходно најавено.