Бројот на жртви од земјотресот што го погоди Авганистан надмина 1.400, објавија денеска талибанците.

„Повеќе од 3.000 лица се повредени“, изјави портпаролот на владата на талибанците, Забихулах Муџахид, на социјалната мрежа X.

Претставници на Обединетите нации во Авганистан велат дека спасувачите во моментов се во трка со времето за да стигнат до оддалечената планинска област погодена од земјотрес со јачина од 6 степени според Рихеровата скала, јавија американските медиуми.

Како што е наведено, непристапниот терен ги отежнува спасувачките операции и испораката на хуманитарна помош.

-Бараме од меѓународната заедница да помогне. Прашање на живот и смрт е навремено да се стигне до луѓето во погодената област од земјотресот, рече Индрика Ратвате, координаторка на ОН.

Авганистанската Црвена полумесечина претходно денеска соопшти дека повеќе од 8.000 куќи се уништени во земјотресот.