Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, национални ансабли и културно-уметнички друштва дефилираат во центарот на главниот град, по што ќе стартува и официјалниот дел од церемонијата, предвиден за 18:30 часот.
Официјалниот дел ќе почне со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, а потоа следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
По обраќањето на премиерот, од 19:30 часот, почнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, на церемонијата присуствуваат и акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност на КОВИД.
Претседателот Стево Пендаровски денеска по повод Денот на независноста, со орден „8 Септември“ ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во мандатниот период од 1990 до 1994 година.