Резултатите од вонредниот надзор покажуваат безбедна вода
Водата во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е санитарно исправна и безбедна за употреба, покажале резултатите од вонредниот надзор што ЈП „Водовод и канализација“ го спроведе пред два дена. Контролата беше направена поради пријавени стомачни тегоби кај повеќе ученици, од кои дел беа и хоспитализирани.
Земени примероци од повеќе локации во училиштето
Од претпријатието информираат дека Секторот за санитарна контрола зел четири примероци од две точки – училница и кујна, од кои две се анализирани физичко-хемиски, а две микробиолошки. Сите примероци целосно одговарале на критериумите од Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење. Во соопштението се наведува дека водата во училиштето е „санитарно исправна и може непречено да се употребува“.
Инспекциски надзори продолжуваат во Карпош
Истрагата за тоа што ги предизвикало тегобите кај учениците треба да даде резултати денес, откако инспекциите на ИЈЗ, АХВ и ДСЗИ во средата извршија вонредна контрола во училиштето. Освен храна, работни површини и здравствени прегледи на вработените, земени се и мостри од водата. Дел од родителите претходно изјавија дека некои деца со симптоми не консумирале оброци од кујната, туку пиеле вода на училиште. АХВ информираше дека по случајот се спроведуваат вонредни контроли во кујните на уште девет основни училишта во општината.
