Жителите на Струга повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако надлежните ја укинаа претходно воведената забрана. Информацијата попладнево ја соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на својата официјална фејсбук-страница, а ја потврди и Општина Струга.
Одлуката е донесена врз основа на најновите анализи на водата од изворот „Шум“, извршени во последните денови.
„Според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Охрид, извршени на примероци од водата во водоводниот систем на градот, водата во Струга е безбедна за пиење“, соопштија од Општина Струга.
Според резултатите од анализите, матноста на водата е во дозволените граници. На самото извориште „Шум“ измерена е вредност од 1,11, додека во градската водоводна мрежа вредностите се околу 0,80. Максимално дозволената граница, според стандардите, изнесува 1,5.
Надлежните најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со секојдневно земање мостри од водата, поради можноста од промени во параметрите.
Водата од градскиот водовод, од кој се снабдуваат Струга и околните населени места, беше забранета за употреба речиси еден месец поради зголемена матност на водата од изворот „Шум“.
