Пукната главна линија и воден млаз висок неколку метри

Силна експлозија синоќа околу 21:30 часот ги вознемири жителите на скопската населба Влае и предизвика прекин на водоснабдувањето во половина град. Пукнала главната водоводна цевка со пречник од 600 милиметри на улицата „Франце Прешерн“, при што силен воден млаз висок неколку метри ја поплавил околината и почнал да го руши кејот на Вардар. Истовремено, втор дефект се случил и во бунарското подрачје во Нерези, на линија со профил Ф-400.

Жителите: „Експлозија како бомба“

„Во 21 и 20 прво снема струја пет минути, па во 21 и 30 се слушна експлозија како бомба. Водата излегуваше два метри во воздух и ја поплави целата улица. Се јавивме во Водовод, но службите дојдоа дури по час и половина. Околу 23 часот ја сопреа водата, а сега има, но со намален притисок“, раскажа жител на Влае.
Од „Водовод и канализација“ не дадоа дополнителни коментари, освен краткото соопштение објавено на социјалните мрежи. Според нив, проблемот настанал поради променливиот притисок во системот, предизвикан од повремени прекини на електричната енергија во пумпните системи кај Лепенец и Нерези.

Водовод интервенира со алтернативен систем

Од Синдикатот на Водовод информираа дека навремено бил воспоставен алтернативен начин на водоснабдување за да се стабилизира состојбата. „Скопје се снабдува со вода од два цевоводи фи 1600 – градски и железарски. Во текот на ноќта е направено преспојување, па водата била пуштена од железарскиот цевовод, со што водоснабдувањето се нормализираше“, изјави Стојанче Кашиковски од синдикатот.

Работите на терен траат

Улицата „Франце Прешерн“ сега изгледа како градилиште – механизацијата и екипите на „Водовод“ работат на целосна санација на дефектот. Од претпријатието уверуваат дека проблемот со снабдувањето е надминат, но најавија дополнителни проверки во следните денови за да се спречат слични хаварии.