Нашиот најпознат творец на анегдоти, афоризми и вицови Војче Китаноски, интензивно подготвува две монодрами, првата под името Војче Китаноски и втората Маршал Јосип Броз Тито.
– Од пред еден месец засилено ги подготвувам монодрамите за Војче Китаноски и Маршал Јосип Броз Тито. За двете монодрами ќе бидат користени афоризми, анегдоти и вицови создадени на тема на авторот и маршалот, вели Китаноски.
Посочува дека ќе бидат користени материјали од претходно издадени книги, а секоја од овие монодрами ќе биде со времетраење од 60 минути.
– Ова е за првпат во земјава еден афористичар да се појави и во улогата на актер. Секоја од овие монодрами ќе се состои од по 60 анегдоти и афоризми и сметајќи дека секоја од нив ќе биде со времетраење од една минута, ќе се вклопи во програмата во траење од еден час, додава авторот и појаснува дека премиерно овие монодрами ќе бидат изведени во главниот град, откако ќе бидат укинати мерките против Ковид-19 и, според негова проценка, тоа треба да се случи кон средината или во втората половина на летото.
Посочи дека подготвува две нови книги, петта и шеста по ред, кои ќе се состојат од голем број анегдоти, афоризми и вицови и чија премиера ќе се случи во текот на есента, кога се очекува целосно да бидат укинати мерките против Ковид-19.
Инаку Китаноски е роден во село Крапа, Бродско и денеска на пат за родното село оствариме средба во Кичево, каде го завршил средното образование.