Руската инвазија на Украина резултираше со значителни финансиски загуби за германските компании, а се проценува дека до крајот на 2023 година нивната вкупна загуба ќе изнесува 160 милијарди евра, изјави претседателот на Германското здружение на индустриски и трговски комори (DIHK), Питер Адријан.

Во интервју за весникот Rheinische Post, тој оцени дека падот на германскиот бруто домашен производ од почетокот на војната до крајот на оваа година изнесува околу четири отсто.

 

 

„Тоа значи дека е произведено 160 милијарди евра помалку, што е околу 2.000 евра по жител“, вели Адријан.

 

Многу компании се под силен притисок од ненадејните скокови на трошоците за гас и електрична енергија и тоа продолжува. Адријан ја повтори честата поплака од германската економија дека релативно високите домашни цени на енергијата ѝ штетат на конкуренцијата во странство.

DIHK предвидува дека германскиот БДП ќе стагнира оваа година, што би било подобрување во однос на есенската проценка дека ќе падне за три проценти. Според официјалните податоци, германската економија лани пораснала за 1,8 отсто.