Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека е постигнат „историски успех“ на Блискиот Исток, нагласувајќи дека војната во Појасот Газа е завршена и дека започнува ново поглавје на мир и стабилност во регионот.

„Ја завршивме војната во Газа и, всушност, на многу пошироко ниво, создадовме мир. Мислам дека тоа ќе биде траен мир, се надевам – вечен мир,“ изјави Трамп на прес-конференција во Вашингтон.

Тој најави дека преостанатите заложници ќе бидат ослободени во понеделник или вторник, оценувајќи дека нивното враќање е „комплициран процес“, бидејќи се наоѓаат во области кои, како што рече, „не се безбедни и не се пожелни места за престој“.

Трамп информираше дека ќе отпатува за Египет, каде што ќе се одржи официјалното потпишување на мировниот договор, додавајќи дека еден документ веќе бил потпишан во негово име. „Еден веќе е потпишан во мое име, но ќе направиме и официјално потпишување,“ нагласи тој.

Американскиот претседател порача дека Појасот Газа постепено ќе се обновува, а во процесот ќе бидат вклучени повеќе држави кои, според него, ќе инвестираат значителни средства во реконструкцијата и економскиот развој на регионот.

„Мислам дека ќе видите некои извонредни земји како се вклучуваат, инвестираат многу пари и се грижат за работите,“ изјави Трамп, изразувајќи благодарност до сите земји што учествуваа во мировните преговори во Египет.

„Целиот свет се здружи. Луѓе што не се сложуваа, што не се сакаа едни со други, соседни земји што, искрено, не можеа да се поднесат едни со други, сега тоа го направија. Сите Американци треба да бидат горди на улогата што ја одигра нашата земја во завршувањето на овој ужасен конфликт,“ порача Трамп.