Македонските војници во Словенија кои се затруле со јаглерод моноксид додека црпеле вода од поплавените подрачја, се во добра здравствена состојба. Ова штотуку го обелодени министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Министерката информира дека двајца македонски војници од контингентот упатен на испомош во Словенија во текот на вчерашниот ден по чистење на подрумски простории од последиците од поплавите, заедно со словенечките колеги, се пожалиле на мачнина од јаглерод моноксид по што превентивно беа префрлени во болница за детални прегледи.

По испитувањата утврдено е дека тие се добро и во текот на утринските часови вратени се во сместувачките капацитети каде денеска ќе одмараат.

Словенија на почетокот на август ја погодија силни поројни поплави, во кои загинаа шест лица.