Заменичката-министерка за здравство, Маја Манолева, вчера испратила наредба до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за итно спроведување на вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница – Битола и Универзитетската клиника за детски болести.
Оваа одлука дојде по објавата дека починало новороденче родено во битолската болница, кое поради влошена состојба било пренесено во клиниката во Скопје. Со вонредната инспекција треба да се испита текот на лекувањето и третманот на родилката и нејзиното починато новороденче.
Таткото на починатото новороденче изјави дека не била направена навремена интервенција, обвинувајќи за негрижа. Од Клиничката болница во Битола, пак, тврдат дека навремено реагирале и ги информирале родителите за состојбата.
Бебето било родено во петокот (14 јуни) и починало следниот ден.