Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, најави дека утре ќе се одржи вонредната седница, која ја свика претседателот на Републиката Зоран Милановиќ, но и дека се работи за политичкиот пристап на шефот на државата, кој, како што вели, е под притисок на опозицијата.
Ставот на владата што се однесува до вонредната седница на парламентот е јасен, рече Пленковиќ на отворената седница на Владата.
– Таа седница ќе се одржи утре. Двете теми што ги постави претседателот (Милановиќ) се теми со кои се занимаваме постојано. Секојдневно се занимаваме со прашањето за штрајкови во судството. Министерот (Иван) Маленица секојдневно бара решение – рече Пленковиќ.
Хрватскиот премиер изјави дека Милановиќ „буквално го копирал“ писмото на претседателот на Врховниот суд, Радован Доброниќ, пренесува Танјуг.
– Ќе испратиме одговор до претседателот на Врховниот суд и ќе повикаме на натамошни дискусии. Може политички да се предложи дебата на ниво на парламент, но решението ќе се постигне во дијалог со синдикатите – рече Пленковиќ.
Кога станува збор за „гасната афера“ во ХЕП, Пленковиќ ја пофали владата што овозможила прифатлива цена на гасот и дека никогаш немало недостиг од овој извор на енергија.
– А таа приказна со вишокот гас ќе ја расчисти владата во рамките на нејзините надлежности, а ние тоа го доживуваме како исклучиво политички пристап на претседателот, кој овде јасно и исклучиво застана на страната на опозициските политички партии и практично дејствуваше врз основа на нивниот политички притисок – рече Пленковиќ, пренесуваат хрватските медиуми.
Тој рече дека и двете се важни за хрватската јавност, а владата ќе продолжи да ги решава и двете прашања во рамките на своите активности, без оглед на, како што наведе, „притисоците од опозицијата и без оглед на овие политизирани, пристрасни и практично целосно опозициски иницијативи на претседателот на републиката“.