Повредените од вооружената престрелка во Тетово

Четворица пациенти со тешки телесни повреди денеска беа пренесени на хируршките клиники во Скопје по вооружената престрелка  во Тетово, при која едно лице загина, а повеќе други беа ранети, меѓу нив и малолетно девојче и случаен минувач.

Министерството за здравство информира дека на КАРИЛ е примен 32-годишен маж со прострелна рана во предел на граден кош, оценета како тешка телесна повреда. На Детска хирургија е згрижено 12-годишно дете со прострелна рана во десната натколеница. На Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, а на Трауматологија 60-годишен маж со скршеница на десната потколеница. Сите повредени добиваат соодветна медицинска нега и се под постојан надзор на лекарите.

Инцидентот се случил денеска околу 12:30 часот, на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“, кога дошло до вооружена пресметка помеѓу лица од две возила. По престрелката, возилата го напуштиле местото на настанот – едното се упатило кон улица 113, а другото во непознат правец.

Според очевидци и добиени информации, едното возило било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои се одјавени, а сопственост на 19-годишен жител на село Гајре. На местото на настанот било пронајдено друго возило „Фолксваген Голф“, сопственост на 46-годишен жител на Тетово, во кое имало починато лице со прострелни рани.

Во Клиничка болница Тетово биле пренесени три лица со повреди од огнено оружје. Малолетното девојче е задржано на опсервација, додека две возрасни лица со прострелни рани се префрлени како итни случаи во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Случајниот минувач, 60-годишен пешак, исто така бил пренесен на лекување во Скопје.

Полицијата и јавниот обвинител работат на утврдување на мотивите и околностите на вооружената престрелка. Увидот на местото на настанот е во тек.